За нас
Зоолошката Градина е основана во 1951 година од страна на група ентузијасти и љубители на животинскиот и растителниот свет од градот Битола. Неколку години по нејзиното формирање, заради специфичноста и важноста на нејзината мисија, Зоолошката Градина преминува под директна надлежност на органите на тогашната државна управа.
Во текот на своето постоење, Зоолошката Градина ја следи својата мисија да го зачува постоечкиот национален и интернационален животински и растителен биодиверзитет, преку негова презентација, одгледување и конзервација.
Наметнато од потребата за константно прилагодување на средината што се менува, Зоолошката Градина низ годините што поминале, неретко го менувала својот изглед, содржини или услуги што ги нуди. Во тој процес на промени, Зоо Битола секогаш останала верна и доследна на својата цел, односно преку добробитта на животните кои ги чува и негува, да даде придонес кон зачувувањето на биодиверзитетот, но и да ги задоволи потребите на своите посетители.
Една од најголемите промени во целокупното реаботење на Зоо Битола се случи во текот на 2011 година. Имено, за прв пат во историјата на работењето на оваа институција беше изработена техничка документација за нејзина комплетна реконструкција. Со ова, во суштина беше започнат процес кој целосно ќе го промени ликот на оваа институција. Техничката документација предвидува нови 26 живеалишта и останата комплементарна инфраструктура: едукативен центар, пешачки патеки, видиковец, детски парк, ресторан, сервисна зона.
Техничката документација е во целосна согласност со строгите барања на Европската Унија во делот на чувањето на диви животни во заробеништво (Council Directive 1999/22/EC of 29 March 1999 on the keeping of wild animals in zoos), но и со барањата на Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми (ЕАЗА), како најрелевантна институција на европско тло од овој вид.
Покрај техничката документација, за прв пат во историјата на постоењето на Зоо Битола изработена е Едукативна програма за маркетинг и промоција на Градината, која преку двегодишен акциски план треба да го зголеми бројот на посетители на Зоо Битола и да и ја подобри комуникацијата со надворешни сродни институции.
Во текот на 2011 година, Зоо Битола поднесе апликација за членство во ЕАЗА. Благодарение на претходно превземените активности, на последната седница на Советот на ЕАЗА одржана на 26 април 2012 во Минхен, Германија со консензус беше донесена одлука на Зоо Битола да и се додели статус “Зоолошка Градина – кандидат за член во фаза на реконструкција”.
Битолската Зоолошката Градина е сместена е во прекрасна природа на падините на Тумбе Кафе и заради карактеристиките на својот терен, Градината има оригинален и нетипичен "ридско – планински” изглед.
Зоолошката има вкупна површина од околу 2 хектари квадратни, бројка што според модерните светски стандарди ја сместува во категоријата на мали зоолошки градини.
Зоо Битола има матично стадо составено од повеќе од 30 различни видови на животни, со повеќе од 400 нивни претставници.
Во Зоолошката Градина работат вкупно 14 вработени кои се задолжени за секојдневна грижа, одгледување, нега односно севкупно подобрување на “престојот” на животните-резиденти.
Зоолошката Градина работи под надлежност на Советот на Општината Битола.